Во рамките на Договорот за заедничка реализација на проектот „Изработка на технички документации за унапредување и промоција на конкурентските предности на Источен плански регион“ за Општина Делчево ќе се изработува техничка документација за реконструкција на постоечка и изградба на нова водоводна мрежа за туристички локалитет Голак.
Договорот како што информираа од Општината беше потпишан денеска на Седница на Советот на ИПР, од градоначалникот Горан Трајковски и директорката на Центарот за развој на ИПР Зујица Ангелова, а потребните финансиски средства за реализација на проектот се обезбедени од Министерство за локална самоуправа – Биро за регионален развој со вкупен износ на проектите за сите 11 општини од 4.248.036,00 денари и кофинансирање од Општина Делчево во износ од 173.658,00 денари.
-Основниот проект за водоснабдување на туристичкиот локалитет Голак треба да предвидува искористување и реконструкција на постоечките каптажи, доопремување на постоечките пумпни станици со комплетна автоматика, доградба или реконструкција на постоечките резервоари, реконструкција на постоечките главни цевководи и да се предвидат оградени заштитни зони за резервоарите, зафатите и каптажите, информираа од Општината.
Вкупната должина на водоводната мрежа со главниот цевовод изнесува приближно 6000 метри.
-Разводната мрежа е предвидено е да се проектира како гранкаст систем со соодветни приклучоци, противпожарни хидранти, воздушни вентили, испусни вентили и други објекти потребни за нормално функционирање на мрежата, додадоа од Општина Делчево.
На денешната Седница на Советот на ИПР беа потпишани и договорите за „Одржување на агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина во ИПР“, како и Договорот за дополнителни средства за финансирање на задачите и активностите на Центар за развој на Источен плански регион за 2023 година, а имаше и презентација за отворениот повик за инвестициски проекти по приоритет 1 „Зелен прекуграничен регион“ во рамки на Програмата INTERREG VI-A ИПА Бугарија – Северна Македонија.