Предложено преместување на тетовската библиотека, според вработените тоа не е соодветно решение

biblioteka
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Вработените во тетовската библиотека „Кочо Рацин“ алармираат дека иницијативата од страна на Министерството за култура за нивно преместување во друг дел од Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ ќе ја отежни работата, а просториите не се соодветни за библиотечна дејност. Првично, предвидено е библиотеката да се премести во соседните простории кои досега ги користеше Факултетот за музички уметности при Универзитетот во Тетово, а во нивните простории да бидат канцеларии на Делегацијата на Европската унија.

-Овде има околу 158 квадрати, а таму има 143 квадрати. Во таа просторија нема ни тоалет, ни место каде да седат вработените. Имаме 83 илјади книги плус весници, а таму нема да има циркулација на воздухот, ќе се задушиме таму. Тоа се четири училници со пониска висина, не е исто како просториите каде што сме моментално, рафтовите нема да ги собере. Ние како институција, како вработени, не сме против да се преселиме во просторија со подобри услови. И овие не се услови за библиотека, но се мачиме и чекаме 20 години за новиот објект. Ако е за кратко време Министерството може да бара локација, барем да има 300 квадрати, барем малку да ги исполнува условите. Не да не носи во училници, изјави Махи Муртезани, библиотекар.


За состојбите со двете простории Министерството за култура побарало мислење од вработените во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“.

-Пред некоја недела, од Министерство за култура стигна писмено барање во врска со просториите што се наоѓаат во Центар за култура, поточно сегашните простории на библиотеката „Кочо Рацин“ и просториите каде што се наоѓа дел од Универзитетот. Министерството бара мислење од наша страна, дали Центарот за култура ги користи. Уште немаме дадено мислење, не е донесена одлука од Управен одбор, изјави Вулнет Фејзулахи, секретар на Центар за култура.

За ставот на вработените дека предложените простории за библиотеката не се соодветни, побаравме одговор од Министерството за култура. Од таму одговорија дека Министерството во континуитет ги увидува потребите на националните установи кои се во негова надлежност, како што се Центарот за култура и библиотеката.

– Во соработка со нив, Министерството е насочено кон соодветно решавање на просторното прашање на Библиотеката. Можното дислоцирање ќе биде со исполнување на соодветни услови за нејзино функционирање, стои во одговорот од службата за односи со јавноста.

За надминување на просторните проблеми на библиотеката во Тетово постои трајно решение. Од 2014 година почна со изградба на нов објект каде треба да се сместат библиотеката и Тетовски театар. Од Министерството велат дека годинава за тој објект во нивниот буџет се обезбедени 116.979.000 денари.

– Времетраењето на изградбата на објектот наменет за театар и библиотека во Тетово е предвидена со динамиката за обезбедената согласност за повеќегодишна јавна набавка. Согласно заклучок на Владата, динамиката на изведбата е продолжена до 2027 година. Во тек е изведба на градежни, градежно занатски работи и инсталатерски работи. Според доделениот договор и според продолжувањето на динамиката, објектот се очекува конечно да биде завршен и пуштен во употреба во 2027 година, информираат од Министерството за култура.

Тетовската библиотека има 5300 активни читатели активни, со дневна фреквенција од 300 до 500 читатели.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK