Рускиот претседател Владимир Путин присуствуваше на завршната фаза од големата воена вежба „Центар-2026“ на воен полигон во Челјабинската област, во која учествуваат руски единици и единици од повеќе други земји, меѓу кои и Кина.
Путин го посети полигонот во планинскиот регион на Урал, каде што се одржува вежбата „Центар-2026“, заедно со вежбата „Интеракција-2026“ на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), безбедносен сојуз на неколку поранешни советски држави, предводен од Москва.
Според Путин, во „Центар-2026“ учествуваат 47.000 војници, кои вежбаат одбивање напад на 11 полигони и на Каспиското Море. Вежбата започна во понеделник и трае до денес.
„Околу 6.000 војници од Русија и други земји учествуваа во завршната фаза на полигонот Чебаркуљски“, изјави Путин. Тој додаде дека како набљудувачи учествувале делегации од 55 земји.
Според руските медиуми, во вежбата учествуваат воени единици од Белорусија, Киргистан и Таџикистан, како и војници од Кина, Монголија и Пакистан.
За време на посетата, Путин разгледал различно вооружување, меѓу кое и нови беспилотни летала „Геран“ со млазен погон, кои руската војска ги користи во нападите врз Украина.
Посетата на Путин следува еден ден откако Русија испрати предупредување до НАТО дека нема да се двоуми да употреби нуклеарно оружје за одбрана на Калининград, доколку некоја членка на воениот сојуз се обиде да ја отсече руската ексклава на западот од остатокот на Русија.