Исплатата на износот од 140 денари за дневен студентски оброк на платежна картичка е чекор за поздравување, а ова е системското решение со кое нашите студенти, исто како и нивните европски колеги, добиваат финансиска поддршка само за намената за која се одвојуваат од буџетот на МОН, во обезбедување здрав оброк, велат од Либерално-Демократска Младина (ЛИДЕМ).
-Ја поддржуваме дигитализацијата на процесот на аплицирање и исплата на средствата од државниот буџет кон студентите и кои се наменети за студентскиот оброк. Исплатата на износот од 140 денари за дневен студентски оброк на платежна картичка е чекор за поздравување, но остануваме во очекување на следните детали од Министерството за образование и наука – кои ќе бидат правните субјекти кај кои ќе може да се користи мерката, каков вид на храна поточно ќе може да се купува итн, додаваат од Лидем.
Тие додаваат дека студентите кои ќе се стекнат со правото на субвенциониран студентски оброк ќе треба да потпишат договор за отворање посебна сметка која ќе биде поврзана со платежната картичка за студентски оброк. Покрај тоа, како што додаваат од МОН, студентот нема да има никакви трошоци околу отворање на сметка и издавање на наменската платежна картичка.
Наменската картичка е дел од пакетот што ќе го добие студентот кој стекнал право на субвенциониран студентски оброк.
Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, наменета за купување приготвена храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.
Сумата на оброкот од 120 се покачи на 140 денари на барање на студентите кои во ноември минатата година излегоа на протест пред Собранието, а беа поддржани од Либерално-демократската партија. По разговори со пратениците, беше постигнат договор од април 2023 година оброкот да се исплаќа по дневен износ од 140 денари, по што следуваа разговори за измени на Законот за субвенциониран студентски оброк. Воведувањето на наменска платежна картичка што беше предложено со цел студентите да ги користат средствата исклучиво за таа намена беше меѓу предлог-измените на Законот.
Според податоците на МОН, годишно за оваа мерка од буџетот на Министерството се одвојуваат над 940 милиони денари.
За сите студенти рокот за пријавување за користење на мерката е заклучно со утре, 10 август.
Либерално-демократска младина (ЛИДЕМ)