Голоб: Неколку милијарди евра изнесуваат штетите од катастрофалните поплави во Словенија

slovenija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Штетите од катастрофалните поплави во Словенија ќе достигнат неколку милијарди евра, изјави премиерот на таа земја Роберт Голоб.

Најголемите поплави досега во Словенија предизвикаа смрт на најмалку шест лица, однесоа куќи и оставија села во урнатини. Поројните дождови со денови паѓаа во речиси две третини од земјата, уништувајќи згради и мостови.


– Штетата ќе изнесува неколку милијарди евра, ги изнесе премиерот последните проценки во програмата на јавната телевизија, јави СТА. Според него, за ефикасна санација ќе биде потребно „да се направи сè и да се струга секаде каде што е можно“ и да се добијат што повеќе средства од европските фондови и помош од странство. Голоб најави дека владата ќе обезбеди пакет помош за директно погодените.

„Сакаме денес да им го покажеме на луѓето решението“, рече синоќа премиерот Голоб, додавајќи дека времето за акција не треба да се брои со месеци и години, туку со денови и недели. Неопходно е да се врати довербата на луѓето во државата и иднината, посочи тој.

Илјадници луѓе се евакуирани од своите домови низ северозападна и централна Словенија, а армијата, пожарникарите и спасувачите се обидуваат да ослободат други и да ги расчистат улиците. Шест лица загинаа од петокот, меѓу кои и двајца холандски државјани. Словенечката агенција за животна средина објави дека поплавите вчера почнале да се повлекуваат, но некои области се уште се отсечени. Европската Унија понуди тешки машини и инженерски единици. Словенија, исто така, побара хеликоптери, војници и монтажни мостови од воената алијанса на НАТО. Хрватска и Унгарија помогнаа со хеликоптери, а Германија со тим за цивилна заштита.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK