Под мотото „Неопходна убавина“ од 14 до 17 август во Струга ќе се одржи 7. издание на Фестивалот на краток филм „Drim Short 2023“.
Програмата, како што најави организаторот, и годинава ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во натпреварувачки категории и тоа регионална, интернационална, студентска и специјална програма „Соочување со минатото“, во селекција на режисерот Иван Бакрач. Покрај натпреварувачките програми, фестивалот ќе ја претстави специјалната програма „MK Special“ со цел промоција на македонскиот филм и младите македонски автори. Гостинските програми, според информацијата, оваа година се плод на соработка со „DocuFest“ од Косово и „Sarajevo Film Festival“ од Сараево.
Во соработка со Еко-свест, годинава ќе има ревијална програма на филмови, чија главна тема е екологијата и заштитата на животната средина.
– Неизбежен сегмент од целиот Фестивал повторно ќе биде едукативниот дел, пропратен со ексклузивен мастерклас со реномираниот ирански режисер Али Ашгари. Во рамки на Фестивалот ќе бидат одржани две дискусии. Првата ќе биде на тема „Соочување со минатото“ во соработка со нашите партнери Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот. Втората дискусија во соработка со Еко-свест ќе биде на тема заштита на животната средина и пред се Охридското Езеро, а учество ќе земат екологисти и преставници на институциите, стои во најавата на „Drim Short“.
Фестивалот, како што е наведено, по втор пат ќе биде домаќин на работилницата за краток филм „Fund Ready“, како дел од регионалната мрежа на фестивали за краток филм Balkan Short Film Network.
Во музичката ОФФ програма ќе настапат Фолтин, а фестивалот ќе биде затворен со диџеите Diah и Бодан Јамакоски.