Димковски: Добар дел од пченицата ќе заврши како сточна храна во Грција

pcenica
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Добар дел од домашната пченица годинава, за жал, ќе заврши како сточна храна во Грција, а дел ќе „отиде“ и на нашите фарми, за храна во живинарството и свињарството. Околу 20 000 тони лебно жито, пак, според разговорите со земјоделците на терен, можно е да завршат непродадени, складирани, вели државниот советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Трајан Димковски.

Димковски на денешниот брифинг со новинарите што го организира министерот за земјоделство Љупчо Николовски порача дека земјоделците мора да се посветат на количини и квалитет. Земјава секогаш ќе увезува, но ако имаме принос од четири тона, тоа ќе биде сосема доволно и не ќе има потреба да купуваме однадвор.


-Жито кај нас се увезувало и ќе се увезува. Увезуваме до 80 000 тони пченица и 40 000 тони брашно, најмногу од Србија. Но, ние повеќе пари трошиме за увоз на чоколади отколку за пченица или исто пари даваме за увоз на кафе како и за увоз на пченица. Веројатно сакаме да биде нешто атрактивно и да се продава како информација, нагласи Димковски.

Според него, по мерките за земјоделците, три денари за секој откупен килограм пченица и 100-процентно покривање на трошоците за складирање, сега се на потег мелничарите.

-Со овие мерки притисокот треба да биде кон млинарите зашто лебот остана ист, а тие набавуваат евтина пченица. Кога разговараме, тоа и го кажуваме, не може вие со 10 – 11 денари да купувате пченица, а лебот останува 33 – 35 денари, потенцира Димковски.

Тој уште еднаш напомена дека фокусот мора да биде на мерките кои ќе ги зголемат количините, приносот и квалитетот.

-На почеток имамвме добри жита, но тоа не се покажа така и кога влегоа комбајните, а пракса е дека можеме да зборуваме за приноси кога комбајните ќе влезат на нивите. Годинава житата потфрлија, со намален принос, но и со квалитет и тука е клучот што постојано го зборуваме. Кај нас житото се заштитува само од плевели, но последниве години покажаа дека мора да се заштити и од болести. Затоа се повеќе при креирањето на политиките даваме значење на тој сегмент, мора да се користи вештачко ѓубре во оптимални количини. Во одредени подрачја или површини каде е слабо користено, излезе и со 56 хектолитри квалитетот на пченицата што е послабо и од јачменот. Имавме и со 73. Јасно е дека кој колку вложил, толку и добива. На исти површини за иста класа земја има и 2,5 – 3 тона, но и 6 – 7 тона по хектар печница, зависно од домаќинството, колку вложило.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK