За 120 роденден на Македонија, како дополнување на сите редовни, актуелни и јавно искажани желби за развој и просперитет на мојата најсакана земја, имам и една голема и специфична роденденска желба. Посакувам вадењето македонски пасош, тој врвен израз нашата взаемна поврзаност, лојалност и обврзаност со македонската држава, да стане процес кој е соодветен на нивото на таквата врска. Посакувам тоа да личи на современа европска држава, па уште и кандидатка за членка во ЕУ, а не на налик на најретроградна полициска држава која ужива да го понижува, репресира, гази и измолзува својот суверен.
Посакувам со електронската апликација за закажување за пасош и други (лични) документи МВР да не си игра икс-нула со граѓанството, а ако веќе си игра, МВР да му исплаќа на граѓанството за таквото им административно-садистичко задоволство, а не уште и да го товари со разно-разни уплати и такси, за кои се’ помалку би имало, оти закажувањето одзема неоправдано многу време, што пак ја намалува сеопштата продуктивност на земјата, како и креирањето нова вредност и пари. Ем алчно дерење, ем тупаво за како се прават пари за да се земаат пари, е тоа да видиш. Патем, апликацијата ги исполнува сите фамозни клишеа и вицеви за полицијата оти е најглупавата и најбрука од апликација која е смислена, просто да не ти се верува дека тоа е официјална државна апликација, и дека таквата му се нуди на граѓанството без срам и перде, чиниш тоа не знае и не видело како изгледаат и како функционираат други апликации за закажување и слично, од термини и седишта за во кино и за на концерт, па натаму. Зарем дотолку не ве бива, или дотолку оди умислената ароганција кон граѓанството?
Ами просториите и кабините кај МТВ? Мајко моја најмила, каква комбинација на хорор, грозотија и грдотија! На сам влез одма “рика” од несреден простор, нема паркинг, кој-каде стигне и како се снајде, па неикосена трева во која летно време ништо чудно и змии да најдеш, скраја хортикултурно средување, па тоа степениците сите испокршени, нога да шинеш, и тоа како најблага варијанта што може да ти се случи на качување-симнување, па ѓубришта тон улево-удесно од влезот. Внатре никаква соодветна вентилација и регулација на квалитетот на воздухот, ако не за граѓанството, барем од грижа за вработените. Ѕидовите нечисти -нечисти, неискречени којзнае од кога, стаклата исто, подовите, пултовите, ма се’, да ти се поврати, а малтене само од еден месец уплати и административни такси може просториите со Сваровски кристали да ги полеат, не пак со обична боја, а се’ другото да ти заличи небаре влегуваш во вселенски брод. На еден гипс-ѕид од кабина дури и дупка, како од тупаница, одма да ти оди мислата дека тоа од некој кутар сограѓанин на кој му “пукнало” како во една од приказните во аргентинско-шпанскиот филм “Бесни приказни” (Relatos Salvajes/ Wild Tales).
За однесувањето на вработените нема нешто посебно и различно да се елаборира, тоа е се’ по стандардите на “аки комунитер” за државната администрација, ама онаа што е “наше наследство”, да не се збуните со она на ЕУ, и строго без протокол како треба во отпоздравувањето и обраќањето кон Суверенот/граѓанството, и стого на “ти”, инстант “интимизација”, а со функција на себедоделена лиценца за практикување непрофесионален однос, ако не и полошо. Се подразбира, сето тоа не е по res publica -логика и вредност, туку по невидена и недозволива во евро/западот res arcana, оти сите они се вршители на државни овластувања, а со скриен идентитет, безимени, ниту нивната персонификација на самата држава ја има на видно место по канцеларии, ниту носат беџови. Фали уште од оние нинџа-маските сите да си стават, па да биде уште појасна арканската суштина, а и каква антитеза се на се’ пишано во Уставот, а и како потсетување кои тоа други ентитети функционираат со скриен индентитет, без легална и стого регулирана функционалност за обратното (читај, само криминални здруженија за различни облици криминал, од разбојништва и грабежи до тероризам).
Сега само ќе изразам разбирање, сочувство и почит за, за жал, малиот број тамошни вработени, кои, и покрај лошите услови за работа, си ја вршат професионално работата, со почит, а богами и со трпение со граѓанството. Имаш една крајност на службеничка која му се дере на едно семејство со мали деца оти ја прашале родителите каде е друга една службеничка, иако истата ја нема во канцеларија повеќе од половина час по паузата, до друга крајност на униформиран полицаец кој буквално е растегнат од граѓанство со прашања во тој резил од организација и сеопшта деградација, малтретирање и недостоинство, а тој цело време шприцер, љубезен и со насмевка упатува, регулира, одговара, како и службеничка која осум часа дише нездрав воздух во дупка-кабина без прозор или барем прочистен воздух, а сепак сака да ве слика убаво да изгледате на сликата за возачка.
За крај, политичкото преставништво на граѓанството во Собранието, нашите почитувани народни избраници, нашите пратенички и пратеници, освен “големите теми” и “високи политики”, не смеат да ја испуштаат топката и за овие наводно “мали теми”, иако воопшто не се тоа, ако си ја разбираат работата и мандатот што им е. Еве им и една идеја: за сето погоре пишано, на следната парламентарна билатералка со Европскиот парламент, да сум на нивно место ќе инсистирам и на теренска посета на европратениците на Пасошко во МТВ. Наместо тоа лажгите без опашки по скрининг-шетанции во Брисел на МВР-функционер(к)и, да им се овозможи на европратениците самите да си осведочат со сите свои сетила како оваа надежна држава -кандидатка се однесува со самото јадро на проблематиката на својот суверен и суверенитет, на својата државност, а со сериозни импликации и за нивните, ако се разбира што /како е ЕУ и како функционира, секако, ако ни се дозволи влез внатре ЕУ и ни се делегира доверба да се грижиме и за нивните. И суштински, и симболично.
Којзнае, може до 121 роденден на Македонија ќе ми се исполни роденденската желба?!
🇲🇰❤️🇲🇰