Франција ќе одговори во случај на напад врз нејзините граѓани во Нигер

niger_342434
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Францускиот претседател Емануел Макрон „нема да толерира никаков напад врз Франција и нејзините интереси“ во Нигер, а Париз ќе одговори „веднаш и решително“ во случај на напад врз нејзините граѓани, соопшти денеска Елисејската палата.

Неколку илјади луѓе денеска протестираа пред француската амбасада во Ниамеј за поддршка на војниците кои го извршија пучот.


„Секој што ќе ги нападне француските граѓани, армијата, дипломатите и француските права ќе добие непосреден и непопустлив одговор од Франција. Претседателот Макрон нема да толерира никаков напад врз Франција и нејзините интереси“, се вели во соопштението на француското претседателство.

Во моментов во Нигер има од 500 до 600 француски државјани, соопшти француското Министерство за надворешни работи.

„Франција ги поддржува сите регионални иницијативи насочени кон враќање на уставниот поредок и враќање на избраниот претседател Мохамед Базум“, додаде француското претседателство.

Франција, сојузник на Нигер во борбата против џихадистите, која има 1.500 војници таму, вчера соопшти дека ја прекинува помошта по воениот удар.

Соборениот претседател Базум, избран во 2021 година, веќе петти ден е затворен во својата приватна резиденција во претседателската палата. Таму беше однесен од пучистите предводени од генералот Абдурахман Тијани, кој ја презеде власта.

По Мали и Буркина Фасо, Нигер, кој е погоден од напади од групи поврзани со терористичките Исламска држава и Ал Каеда, е третата земја во регионот што претрпе државен удар од 2020 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK