– Европратениците од ГЕРБ-СДС Андреј Ковачев, Андреј Новаков, Ева Мајдел, Асим Адемов, Емил Радев и Александар Јорданов побараа остра реакција од челниците на европските институции по претепувањето на бугарските граѓани во Скопје пред фудбалскиот натпревар меѓу „Левски“ и „Шкупи“, соопштија од прес центарот на ГЕРБ.
Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Во отвореното писмо упатено до претседателката на Европскиот парламент (ЕП) Роберта Мецола, на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, до европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји и до претседателите на парламентарните комисии во ЕП, европратениците изложуваат факти околу случајот во Скопје, нагласувајќи дека станува збор за сериозни прекршувања на човековите права предизвикани од омраза и го осудуваат агресивниот однос кон Бугарите.
Според европратениците, ваквиот однос не е резултат на фудбалски емоции и страсти, кои не се исклучок за време на спортски натпревари, а главна причина за агресијата е постојаното наметнување непријателски однос кон Бугарија од страна на политичарите во Република Северна Македонија, од медиумите и од академските кругови таму.
„Ние констатираме дека политиката на омраза кон Бугарија, која со години ја водат политичарите во Република Северна Македонија, веќе погоди многу граѓани“, се вели во писмото. Европратениците потсетуваат на редица напади врз бугарски културни клубови во Северна Македонија, напади врз граѓани со бугарска самосвест, одбивање да се дозволи бугарска делегација – вклучувајќи го и д-р Андреј Ковачев – да влезе во земјата.
БТА потсетува дека на 27 јули бугарски фудбалски навивачи беа нападнати неколку минути пред почетокот на фудбалскиот натпревар од Лигата на конференции меѓу фудбалските клубови „Шкупи“ и „Левски“ – Софија на стадионот „Тодор Проески“, при што еден од нив беше примен во болница со убодна рана во пределот на стомакот. Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, соопшти дека идентитетот на напаѓачите е расчистен и се трага по нив. За агресивно однесување и нарушување на мирот уапсени се вкупно 21 фудбалски навивачи, од кои 19 се Бугари.