– Десетици илјади Израелци синоќа демонстрираа против одлуката на Владата да го спроведе контроверзниот план за реформи во судството и покрај силното противење.
Откако планот беше објавен во јануари, десетици илјади луѓе ширум земјата протестираат секоја сабота што се смета за едно од најголемите протестни движења во историјата на Израел.
Протестите се интензивираа оваа недела кога Кнесетот го изгласа првиот клучен реформски закон спроведен од екстремно десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Демонстрантите со израелски знамиња вчера се собраа во Тел Авив 30-ти пат по ред.
Израелските медиуми јавија дека имало повеќе од 170.000 демонстранти во градот, кој се смета за епицентар на протестите, а околу 200.000 низ Израел.
Синоќа имаше протести од Хаифа на север до Ејлат на Црвеното Море, на крајниот југ на Израел.
Израелскиот премиер Нетанјаху и неговите коалициски партнери, вклучително и ултранационалистичките и ултраортодоксните еврејски партии, во понеделникот усвоија клучен закон што ќе ја ограничи способноста на Врховниот суд да ги поништи владините одлуки.
Реформата, која има за цел да ја зајакне моќта на избраните функционери над судовите, ја подели земјата.
Владата смета дека е неопходно да се обезбеди подобра рамнотежа на моќта, но критичарите сметаат дека тоа е закана за демократијата.
„Одбиваме да и служиме на диктатурата“, пишуваше на транспарент што го носеше демонстрант во Тел Авив.
Усвојувањето на реформата во моментов е во застој поради летната пауза на Кнесетот, а Нетанјаху тврди дека е подготвен да преговара за идните чекори.