– Пораката која што ЕУ-членките ја праќаа од 2013 година, по зачленувањето на Хрватска е „почекајте, почекајте“, сега пораката треба да биде „движете се побрзо и ќе станете дел од ЕУ.“ По војната во Украина, ЕУ сега нема друга опција освен да се прошири, што ќе бара прилагодување од нејзина страна, бидејќи не смее да остави важни земји бескрајно да чекаат, а земјите кандидати кои се способни да си ја завршат домашната задача, како Северна Македонија, треба да можат да станат членки на ЕУ во разумно време. Од вас зависи дали ќе бидете подготвени за тоа што е можно поскоро.
Ова го порачува меѓу другото во интервју за МИА Стефано Стефанини експерт за глобални безбедносни прашања со многу богато дипломатско искуство. Прашан што треба земјава да направи во овој круцијален момент за нејзината европска перспектива, Стефанини вели засукајте ги ракавите, постигнете политички консензус и посветете се на реформите од ЕУ-агендата.
-Северна Македонија треба да ги засука ракавите и да работи на пристап што ги вклучува сите партии бидејќи влезот во ЕУ бара консензус од сите луѓе и од сите политички сили. Реформите понекогаш се болни и треба да ја имате целата земја зад себе. Тоа е она што Северна Македонија треба да го направи, а ЕУ мора да биде јасна дека ако Северна Македонија до 2028, 2029 или која било година, ги исполни условите за членство може да влезе во Унијата. Зачленувањето мора да оди според принципот на регата, што значи дека ако ја поминете линијата, нема потреба да чекате некого, вели италијанскиот дипломат кој е поранешен постојан претставник во НАТО и некогашен дипломатски советник на италијанскиот претседател Џорџо Наполитано, а служел и во дипломатските мисии во Њујорк, во ОН, Москва, Вашингтон и Перт.
Следи целото интервјуто за МИА со Стефано Стефанини, дадено за време на неговата посета на земјава оваа недела во својство на специјален пратеник на Италија за кандидатурата на Рим за организатор на ЕКСПО 2030. Стефанини има силна експертиза во трансатлантските односи, безбедноста, одбранбените способности и индустријата, Русија и прашањата за ЕУ. Во моментов има и статус на советник во Брисел, како и во повеќе меѓународни тин-тенк организации. Дел е од бордот на директори на угледната Мрежа за европско лидерство.
По војната во Украина во кој правец треба да се движи европската безбедносна политика?
-Следната година на ЕУ и престојат институционални промени поради изборите за Европскиот парламент и Европската унија сега нема друга опција освен прво да се прошири, бидејќи ЕУ не смее да остави важни земји бескрајно да чекаат. Турција е очигледен пример, а земјите кандидати кои се способни да си ја завршат домашната задача, како Северна Македонија, Украина, Црна Гора треба да можат да станат членки на ЕУ во разумно време. Тоа исто така ќе бара прилагодувања од страна на ЕУ. Сметам дека ЕУ мора да стане многу повеќе геополитичка, кога станува збор исклучиво за безбедносно – одбранбениот аспект. Верувам дека патот напред за ЕУ е да ја зајакне соработката со НАТО.
Каков е вашиот став во однос на идејата за посебна безбедносна политика на ЕУ?
-Таа идеја е мртва. Погледнете ги Финска и Шведска, тоа се две важни земји со значајни воени капацитети. По 24 февруари 2022 година, односно по руската инвазија врз Украина, тие одлучија дека нивната безбедност бара членство во НАТО, нешто што Северна Македонија го одлучи многу порано. Тоа не значи дека ЕУ мора да се откаже од градење на своите одбранбени капацитети, но треба јасно да стави на знаење дека европската одбранбена способност е комплементарна со НАТО, а Алијансата да биде тоа што отсекогаш и била за Италија, столбот и темелот на европската безбедност.
Северна Македонија се наоѓа во многу клучен момент од својата патека кон членство во ЕУ. Владата се надева дека земјата може да стане полноправна членка на Унијата до 2030 година. Дали е тоа реално да се очекува и што треба земјата да направи за да постигне тоа?
-Северна Македонија треба да ги засука ракавите и да работи на пристап што ги вклучува сите партии бидејќи влезот во ЕУ бара консензус од сите луѓе и од сите политички сили. Реформите понекогаш се болни и треба да ја имате целата земја зад себе. Тоа е она што Северна Македонија треба да го направи, а ЕУ мора да биде јасна дека ако Северна Македонија до 2028, 2029 или која било година, ги исполни условите за членство може да влезе во Унијата. Зачленувањето мора да оди според принципот на регата, што значи дека ако ја поминете линијата, нема потреба да чекате некого.
Постои стравување дека Украина и Молдавија ќе станат ЕУ членки пред земјите од Западен Балкан. Дали е тоа можно според вас?
-Ако Украина и Молдавија ги исполнат критериумите побрзо. Тоа зависи од постигнувањата на секоја земја. Нема поставено приоритети. Земјите од Западен Балкан, или барем некои од нив, веќе долго време се во процес на пристапување и тие се многу понапред во однос на Украина и Молдавија. Но, членството мора да биде одредено од тоа што секоја земја постигнала. Затоа од Северна Македонија зависи дали ќе биде подготвена што е можно поскоро. Ако Северна Македонија биде подготвена пред Молдавија и пред Украина, треба да влезе пред Молдавија и пред Украина. Ако Молдавија се движи многу брзо, таа ќе биде пред вас. Тоа зависи од секоја земја поединечно и од тоа колку побрзо се движи.
Дали сметате дека утврдувањето на јасна временска рамка за идното проширување на ЕУ ќе им помогне на земјите да бидат попосветени за подготовка за членството, со оглед дека постои голем процент на евроскептицизам поради неисполнетите ветувања од страна на ЕУ?
-Тоа зависи од земјите членки. Пораката која што ја праќаа од 2013 година, по зачленувањето на Хрватска е „почекајте, почекајте“, сега пораката треба да биде „движете се побрзо и ќе станете дел од ЕУ.“ Се разбира дека постои повеќе евроскептицизам отколку што тоа беше случајот пред 5 или 10 години. Луѓето во Северна Македонија, Црна Гора или Србија треба да сфатат дека ако ги спроведеме работите, тогаш ќе влеземе во ЕУ, и тогаш евроскептицизмот ќе се намали.
Виолета Геров
Фото: Дарко Попов