Во селото Никифорово одбележани 100 години од раѓањето на Чеде Филиповски Даме

nikiforovo_3453454
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 Со пригоден собир во селото Никифорово денеска беше одбележана 100 годишнината од раѓањето на Чеде Филиповски Даме, народен херој од НОВ. Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој присуствуваше на одбележувањето, во неговото обраќање ги истакна придонесот и пожртвуваноста на Чеде Филиповски во отпорот и борбата за ослободување од фашистичката окупација за време на Втората светска војна.


– Ние не смееме да ги забораваме великаните на НОБ, туку секогаш одново да се инспирираме од нивната борба и жртва за нашата слобода. Чувајќи го споменот за нив, се потсетуваме и на вредностите неопходни за да се изгради слободно и праведно општество. Слободата се стекнува еднаш, но, мора да се чува и штити постојано.  Само така ќе имаме образ да кажеме дека сме достојни наследници на овие јунаци, и да покажeме дека нивната жртва не била залудна, рече претседателот Пендаровски.

На свеченоста говореше и братот на Чеде Филиповски, Ацо Филиповски, кој потсети на животот и активностите кои ги спроведувал како член на комунистичката партија и во партизанското движење. Тој истакна дека причината и околностите за неговата смрт не се до крај разјаснети.

На соборот беше прикажан и документарен филм во кој низ сведоштвата на истакнати личности беше потенциран значајот на Чеде Филиповски во Втората светска војна.

На бистата и спомен чешмата во родното село на народниот херој, делегации положија цвеќе, а беше изведена и пригодна културно уметничка програма.

Чеде Филиповски Даме пред почетокот на војната работел како ѕидарски работник во Белград. Набрзо се вратил во Македонија и бил еден од организаторите на НОВ во Мавровскиот крај. Извршувал значајни функции во партизанското движење и бил член на АСНОМ. Загинал на 26 јуни 1945 година во сообраќајна несреќа во Радовишко. Иако постојат сомнежи, погибијата и ден денес се води како несреќен случај. Постхумно е прогласен за народен херој на Југославија, а неговото име го носат повеќе улици и установи во земјава.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK