Во Македонска Каменица во тек се активности за проширување на водоводната и канализационата мрежа во населбата Стара Каменица. Увид во градежните работи денеска изврши градоначалникот Димчо Атанасовски кој истакна дека активностите се во насока на подобрување на комуналните услуги на граѓаните.
-Деновиве започнавме со поставување на нова водоводна и канализациона линија во Стипцарско маало – Стара Каменица. Градежните работи се во должина од 400 метри, а со истите ќе бидат опфатени 13 домаќинства, рече Атанасовски.
Со овој зафат како што додаде општината завршува поголем дел од инфраструктурните активности во овој дел од градот.
-Воедно информирам дека во изминатиот период извршивме редовно прочистување на одводните канали и отстранување на земјените наноси долж улица Македонска. Санирани се повеќе дефекти на секундарната канализациона мрежа и поставување на нова канализациона шахта на улица Индустриска. Отстранети се исто така дефекти на водоводната линија во Цебовци и Чуковци, село Дулица, а извршено е и прочистување и тампонирање на крак од улица 14 Јули, додаде Атанасовски.
Најави дека Општината ќе продолжи со редовно сервисирање на потребите на граѓаните и со подобрување на условите за живеење во урбаниот дел од градот и во руралните средини.