„Само седум вработени во Агенцијата за заштита на личните податоци се непосредно задолжени за спроведување на Законот за заштита на личните податоци. Агенцијата е недоволно финансирана, нејзините капацитети за надзор над зголемената употреба на вештачка интелигенција и биометриски податоци се ограничени, а дигиталните заштитни механизми во државните институции се недоволни“, велат од ДОМ.
„Ова не е оценка на ДОМ, туку предупредување од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2026 година. Комисијата посочува и дека мислењето на Агенцијата за Законот за безбедност на мрежните и информациските системи било занемарено, што довело до неусогласеност со директивата NIS2 во делот на заштитата на личните податоци.
Во вакви услови, Владата ја најави изградбата на национален дата-центар во 2027 година. Но, како ќе се гарантира безбедноста на податоците што ќе се чуваат и обработуваат во него, кога институцијата задолжена за нивна заштита нема доволно луѓе и ресурси? Кој ќе врши независен надзор и кој ќе сноси одговорност во случај на злоупотреба или безбедносен инцидент?
Отворено е и прашањето дали постои конкретен план за обезбедување на неопходната инфраструктура – електрична енергија, вода и комуникациско поврзување. Според кои правила ќе функционираат ваквите капацитети и како ќе се контролира нивното функционирање е сѐ уште нејасно за јавноста.
Дата-центрите не се само сервери и објекти, туку дел од критичната дигитална инфраструктура на државата. Нивното планирање мора да вклучува и високи стандарди за сајбер-безбедност, заштита на личните податоци, независен надзор и одговорно управување со сите неопходни ресурси.
Дигиталниот развој не смее да почне со изградба на објекти, а заштитата на податоците и институционалната одговорност да останат на маргините. Национален дата-центар значи и национална одговорност за безбедноста на податоците на граѓаните“, се наведува во соопштението на ДОМ.