Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Анкара се сретна со палестинскиот претседател, Махмуд Абас, и лидерот на палестинската исламистичка група Хамас, Исмаил Ханија, соопшти кабинетот на турскиот претседател.
Абас се наоѓа во официјална посета на Турција, а вчера имаше одвоена средба со Ердоган, се додава во соопштението.
Абас и Ханија не успеаја да ги поправат односите од 2007 година, кога Хамас, кој се спротивставува на мировните договори со Израел, ја презеде контролата врз Појасот Газа.
Сепак, Абас вчера се согласи со Ханија кон крајот на јули во Каиро да се одржи средба на претставници на главните фракции на која ќе се разговара за конфликтот со Израел и начините за ставање крај на внатрешните поделби.
Во соопштението на Хамас се наведува дека нивните претставници на средбата со Абас уште еднаш истакнале дека „отпорот е најефикасниот начин да се спротивстават на израелската окупација“.