Да се донесе акт со кој ќе се утврди дека потенцијалната инвестиција е спротивна на стандардите за заштита на животната сртедина. Само така ќе можеме да постапиме, да дејствуваме и да поднесеме предлог со кој би се раскинал договорот со концесионерот „Еуромакс“ за рударскиот комплекс „Иловица-Штука”, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Како што посочи Бектеши откако речиси час и половина детално го образложуваше сите акти и одлуки поврзани со „Иловица-Штука” од 2005 година до сега, „Еуромакс“ во моментов има сопственост на двете концесии. Тие не се одземени од страна на Владата, па компанијата, согласно Законот за минерални суровини, има право да го обнови барањето за спојување на концесиите.
Според него, многу подобро е институциите да донесат некаква одлука, отколку да не постапуваат воопшто зашто така, нагласи, оставаат простор за отворање арбитражна постапка што е голем ризик. За конкретниот случај, објасни Бектеши, неопходен е некаков акт и тоа акт кој би бил поврзан токму со заштита на животната средина, како што ценат и бараат граѓаните што воедно е став и на Министерството за економија.
– Ние денеска не поседуваме никаков акт како Министерство за економија дека е одбиено некое решение, некој елаборат, дека имаме некое негативно мислење во последните 15 години во делот на заштитата на животната средина врз основа на кое би донеле предлог-одлука за да се раскине договорот со инвеститорот. Имаме лепеза можности за да имаме таков акт, може да е од МЗШВ, од Министерството за транспорт и врски, зашто треба да се сечат шуми, да се пробива пат,….Мора да имаме акт за да постапиме како Министерство за економија. „Еуромакс“ има сопственост на двете концесии, тој ќе има право да го повтори барањето за спојување на концесиите што значи дека согласно управната постапка, Министерството за економија ќе има концесионер „Еуроомакс“, а и државата ќе има концесионер „Еуроомакс“, не на една, туку на две концесии, со тоа што, со одлуката на Судот „Еуроомакс“ ќе има дополнително право во роковите за барање дозвола за експлоатација. Оттука, нашиот предлог како Министерство за економија е, да се повикаме на аргументот „заштита на животната средина“ како најдобра опција, нешто што го бараме и ние и целата јавност и да се донесе акт со кој ќе се утврди дека одредена потенцијална инвестиција е спротивна на стандардите за заштита на животна сртедина. Откако ќе се донесе тој акт или ќе се одбие и нема да се донесе позитивно решение за заштита на животна средина, утредента Министерството за економија ќе достави предлог за раскин на договорот. Но, да се дава простор за да не се носи никаква одлука, да не постапуваат институциите, мислиме и сме на ставот дека тоа е голем ризик за арбитражна постапка, истакна Бектеши.
Негов главен аргумент, како што дополни, но и на речиси сите институции, па и на владините од 2016 година до денес, е дека оваа потенцијална инвестиција е спротивна на прописите за заштита на животната средина.