Велика Британија ја потценува опасноста што ја создава приватната воена компанија „Вагнер“, а санкциите воведени против неа во моментов се „крајно недоволни“, се вели во извештајот на Комисијата за надворешни работи до британскиот Парламент, јави ДПА.
Авторите на извештајот истакнуваат дека Владата досега не ја сфатила сериозно опасноста од Вагнер и другите платенички компании и бараат организацијата на Евгениј Пригожин да биде прогласена за терористичка организација.
За првпат, комисијата користеше отворени извори за истрага и именуваше поединци и компании поврзани со Вагнер. Дополнително, во извештајот од 82 страници е вклучено и сведочењето на поранешен висок платеник, наведува ДПА. Иднината на „Вагнер“ останува неизвесна по краткотрајниот бунт на платениците против руските власти. Но, британската комисија предупреди дека платеничката група е „многу ефикасна“ во реорганизацијата и дека се уште претставува „сериозна закана за националната безбедност на Велика Бритамнија и нејзините сојузници“.
Авторите на извештајот ја повикаа Владата да „дејствува побрзо и посилно“ и да воведе санкции за поединци поврзани со пошироката мрежа Вагнер, како и да преземе итни мерки за подобрување на разузнавачките активности поврзани со платеничката компанија.
Некои министри од британскиот кабинет во моментов покажуваат „извонредна ароганција“ во врска со „се поголемата практика“ приватните воени компании да се користат за „злонамерни цели“.
Претседателката на Комисијата, Алиша Кернс, рече дека откако беше создаден Вагнер пред 10 години, британската Влада не развила кохерентна стратегија и не направила значителни напори за справување со платеничката група. Ова, вели таа, и овозможи на компанијата на Пригожин да расте, да се рашири длабоко во Африка и да почне да ги експлоатира земјите кои биле фрлени на колена поради конфликтот и нестабилноста.
Меѓупартиската комисија е особено загрижена поради „значајниот пропуст“ на кој на Вагнер се гледа првенствено низ објективот на Европа, со оглед на фактот дека во текот на изминатата деценија компанијата спроведе воени операции во најмалку седум земји, вклучувајќи ги Украина, Сирија, Судан, Либија и Мали.
„Многу е жално што дури на почетокот на минатата година Владата почна да инвестира поголеми ресурси во проучувањето на мрежата Вагнер. Ова ја остава Владата помалку подготвена да одговори на еволуцијата на мрежата“, велат авторите на извештајот.
Комисијата заклучи дека британската Влада страда од „фундаментален недостиг на знаење и политика“ во врска со опасните приватни воени групи од типот Вагнер.