Украински пилоти во август ќе започнат со обука за управување американски борбени авиони Ф-16, а таа ќе трае најмалку шест месеци, изјави украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников во интервју за Си-Ен-Ен.
Покрај тоа, Украина мора да ја создаде потребната инфраструктура за овие ловци, посочи украинскиот министер. Според Резников, постои можност украинските пилоти да летаат со Ф-16 пролетта следната година.
Во интервјуто Резников нагласи дека доколку Украина сега имаше такви авиони-ловци, тие сигурно ќе доведоа до поголем напредок во контраофанзивата на украинските сили.
Обуката, која, според Резников, ќе се одржи во Данска и Холандија, а можеби и во Обединетото Кралство или Полска, ќе опфати и интензивна обука на вработените кои ќе се грижат за техничкото одржување на авионите, што според украинскиот министер е „сериозна задача“.