Актерите од Драмско студио Тетово учествуваат во претстава со колеги од Јабука, Општина Панчево

20230722174734_big_730x400_60
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Актерите од Драмското студио Тетово ќе патуваат во Србија каде заедно со аматерската театарска секција на Домот на култура „Кочо Рацин“ од Јабука, Општина Панчево, ќе одиграат двојазична претстава – детска пиеса „Мојот дедо рокер“.  Оваа претстава премиерно ќе биде изведена во рамките на одбележувањето на Илинден во Јабука, на 2 август, а потоа и на 20-тиот Меѓународен детски театарски фестивал којшто ќе се одржи првиот викенд во ноември во Јабука.  Актерите од Јабука ќе глумат на српски, а актерите од Тетово на македонски јазик. Деновиве паралелно се одвиваат читачките проби во Јабука и во Тетово, а од 27 јули до  1 август комплетната актерска екипа ќе се состане на заеднички сценски проби на сцената на Домот на културата во Јабука.  Мирко Видоески од Драмско студио Тетово, автор на пиесата, изјави дека ова е втора копродукциска претстава на Драмското студио Тетово и „Позориштанце Мали принц” при Домот на културата „Кочо Рацин“ по претходната детска пиеса „Двете мали самовили“ („Две мале виле“) во негова режија.  Со таа претстава, како што рече, во пролетта 2012 година победиле на Општинските драмски смотри во Панчево, а есента истата година била изведена и на Меѓународниот детски театарски фестивал во Јабука.  -Очекуваме и се надеваме дека Министерството за култура на Република Северна Македонија ќе се вклучи во овој меѓународен проект со финансиска поддршка на Драмското студио Тетово со покривање на дел од трошоците, изјави Видоески.  Во претставата „Мојот дедо рокер“ од Драмското студио Тетово ќе настапат актерите Игор Бачоски, Глигорије Стојановски и Лазар Саровски. Автор и режисер на претставата е Мирко Видоески. Претставата е финансиски поддржана од Градот Панчево и Министерството за култура на Република Србија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK