– Полската вечер во рамките на годинешното издание на „Охридско лето“ го носи концертот на гудачкото дуо Емануел и Емилија Салвадор.
За виолинистот Емануел Салвадор специјализираниот магазин „Страд“ пишува дека е еден од најдобрите виолинисти од неговата генерација. Тој има настапувано како солист, камерен музичар и концерт-мајстор на концертните сцени во Велика Британија, Казахстан, Кина, Јапонија, Португалија, Холандија, Мексико, Турција, Шпанија, Италија и Германија…Во 2005 година дипломира на школата за музика и драма „Гилхол“, а студирал и на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Како солист и концерт-мајстор настапувал со Шпанскиот национален оркестар, со Националниот оркестар во Бразил, Класичниот оркестар во Сеул, филхармониите во Адана, Монтереј, Краснојарск и многу други. Основач и водач е на квартетот „Гумераиш“ од Португалија со кој редовно остварува настапи во Европа и Азија. Од 2005 до 2015 година Салвадор е концерт мајстор на Оркестарот „Норте“ во Амаранте, Португалија. Емануел Салвадор има снимено неколку албуми и реализирано успешни концертни турнеи во Југоисточна Азија, Кина, Јапонија и САД.
Емилија Гох Салвадор како уметник на виола има дипломирано со највисоки оценки на музичката академија „Јан Падеревски“ во Познан во класата на проф. Доминик Рутовски. Во 2008 година го основа гудачкиот оркестар „Балтик Неополис“ и истовремено е раководител на Оркестарската асоцијација „Балтик-Неополис“ која е една од најдинамичните културни невладини организации во Полска. Од 2005-2018 година соработува со бројни ансамбли и оркестри како ансамблот „Солисти на Германската опера“, „Солисти на Ковент Гарден“, свири во оркестарот на кралската опера „Ковент Гарден“, настапува со Симфонискиот оркестар на Индија и квартетот „В4-Вишеград“…Нејзините настапи ја носат во концертните сали низ Индија, Норвешка, Естонија, Германија, Данска, Чешка, Грција, Сингапур, Тајланд, Малезија, Виетнам, Филипините. Од 2012-2015 година таа е соработник на театарот „Садлерс Велс“ во Лондон за балетските продукции „Сутра“ и „Орбо Ново“. Со „Балтик-Неополис“ оркестарот реализира повеќе носачи на звук и успешно настапува на оркестарски турнеи во Кина и Јапонија. Од 2016 година е постојан член на португалскиот квартет „Гумераиш“ со кој редовно концертира.
Емилија Гох Салвадор е професор на Уметничката академија во Шчечин од 2013 година, а од 2019 година организира мајсторски курсеви за виола во Шчечиин и Гумераиш.
Вечерашниот концерт ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот. На програмата се избрани дела Бах, Моцарт, Халворсен, Сибелиус, Фухс, Барток.