Македонски ученички освоија два бронзени медала на Европската олимпијада по информатика за девојки

evropska olimpijada
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На третата Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2023), која од 15 до 21 јули се одржува во Лунд, Шведска, македонски ученички освоија два бронзени медала.

Бронзените медали за Македонија ги освоија Софија Велковска од Скопје и Јована Трифуноска од Тетово, а солиден резултат постигнаа и другите две членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка и Атина Рувинова од Охрид.


Тимот е раководен од  лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Ученичките беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 34-ти пат.

-Вклучувајќи ги овие два медала, македонските ученички на трите досегашни изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно еден сребрен и четири бронзени медали, што претставува успех со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји учеснички на олимпијадата, изјави проф. Јованов.

 

 

Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар, наменет само за  средношколки кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Примарна цел на оваа олимпијада е да се поттикне интересот за информатиката и кај девојките, кои се забележливо помалку присутни на редовните меѓународни олимпијади по информатика.

Форматот на натпреварување е многу сличен на веќе етаблираните меѓународни натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Главниот дел од настанот се состои од два натпреварувачки дена, во кои ученичките решаваат предизвикувачки проблеми преку дизајнирање и имплементирање на соодветни ефикасни алгоритми.

Секоја земја членка на ЕОИД-заедницата учествува со свој тим составен од најмногу четири натпреварувачки на возраст под 20 години, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот.

На ЕОИД 2023 учествуваат вкупно 127 учеснички од 36 европски земји, а како претставници на земји гости, во неофицијална конкуренција учествуваат и 62 ученички од 16 земји надвор од европскиот континент (како Бразил, САД, Египет, Индија, Саудиска Арабија и др.).

-Успехот на нашиот тим, со освоените два бронзени медала во ваква силна конкуренција, е навистина голем и заслужува почит, истакнува проф. Јованов.

Следната, четврта по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024) ќе се одржи идната година, во Ајндховен, Холандија. Следен настан, пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Сегедин, Унгарија, кон крајот на август.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK