– Централната банка на Република Турција денеска ја зголеми референтната каматна стапка за 250 базични поени на 17,5 отсто, што е највисоко ниво од октомври 2021 година, јави Анадолија.
Неделната каматна стапка се зголеми од 15 на 17,5 отсто, се вели во соопштението на банката по седмиот состанок на Комитетот за монетарна политика одржан оваа година, втор под водство на Хафиза Гаја Еркан, новиот гувернер на Централната банка на Турција.
Комитетот за монетарна политика на банката одлучи „да продолжи со процесот на монетарно затегнување со цел што поскоро да се воспостави курсот на дезинфлација, да се закотват инфлаторните очекувања и да се контролира влошувањето на ценовното однесување“.
Во јуни, банката ја зголеми референтната стапка за 650 базични поени на 15 отсто во првото зголемување во последните 27 месеци. Стапката беше 18 проценти во септември 2021 година пред да биде намалена на 16 проценти следниот месец.
Според минатонеделното истражување на Анадолија, економистите очекуваа зголемување на каматните стапки за 500 базични поени, со најниска проценка од 250 базични поени, а највисока од 650.