Гостивар: Прва старт-ап конференцијата на Младинскиот ресурсен центар „iCan“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Младинскиот ресурсен центар „iCan“ во Гостивар организираше конференција чија цел е обединување на претприемачите, експертите од индустријата, младите луѓе со иновативни бизнис идеи, како и претставници на владините институции и локалната самоуправа за да ја поттикнат соработката. Во дискусиите на панелите беа разменети искуства и знаења поврзани со механизми за поддршка, можностите за раст на стартапите, финансирање и приспособливост.

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, кој учествуваше во еден од панелите, посочи дека ваквите настани се корисни и значително придонесуваат во премостување на јазот помеѓу екосистемот за поддршка и младите претприемачи.



-Иднината на секоја земја се младите, а иднината на секоја економија се старт-ап заедницата и спиноф компаниите. Преку старт-ап заедницата освен што креираме можност за младите да се вработат, креираме и можност за младите да останат кај нас и тука да се реализираат. Додека со спиноф заедницата ние можеме компонентата на истражувањето и развојот и поддршката на науката, иновациите и економијата да се спојат и да имаме компании коишто се иновативни и компатибилни со светот, рече министерот Азир Алиу.

На првата конференција за стартапи на iCan низ панел-дискусии во кои учествуваа експерти, учесниците добија совети, насоки за пристап до ресурсите неопходни за успешен стартап бизнис. Организаторите оваа конференција ја замислија како собир од кој се очекува создавање на платформа преку која во иднина ќе се споделува знаење, вмрежување и нови идеи.

Според министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, за Македонија е важно да го развива стартап бизнисот, бидејќи освен економската корист, тој позитивно влијае и врз младите кои нивната кариера и напредок треба да го развиваат на домашен терен.

-Државата треба да вложи повеќе енергија, човечки ресурси и финансии за да може таа стартап заедница и тој еко-систем за старт-ап заедницата да се подобри и вториот момент, младите да бараат повеќе, и од локалната заедница, но и од централната власт, за да може тој еко-систем да се креира. Ценам дека треба заедно да се работи, таа тројна врска меѓу државата, младите и бизнис заедницата, треба подобро да функционира, за да младите тука се реализираат, рече министерот Алиу.

Конференцијата за стартапи дел од активностите на Младинскиот ресурсен центар iCan за зајакнување и поддршка на младите претприемачи во нивните стартап потфати. Досега, преку програми, работилници и менторирање, iCan помогна на неколку стартапи да постигнат успех. Активноста е дел од проектот за креирање можности за работа за сите, поддржано од Швајцарската агенција за развој и соработка, а во партнерство со УНДП и Министерството за труд и социјална политика.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK