– Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески денеска повторно порача дека Комората ќе ги искористи сите средства што и стојат на располагање за да го спречи донесувањето на Предлог-законот за данок на солидарност.
-Ќе одиме до крај зашто мислиме дека нашите аргументи се издржани и ќе ги искористиме сите средства во Парламентот, кај претседателот на државата и кај Уставниот суд, изјави Азески во одговор на новинарско прашање по денешната средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Стопанската комора.
Нашата основна цел, додаде, е да ги искористиме сите демократски механизми кои ни стојат на располагање за во конструктивна дебата да докажеме дека нашите аргументи држат.
-Не смее да се извлекува теза и да се злоупотребува името на законот, бидејќи компаниите кои стојат зад нашето барање многу пати досега се докажале дека се солидарни. Покрај тоа, во барањето се потпишани и компании кои не потпаѓаат под удар на овој закон што значи дека се солидаризираат со бизнисот, посочи Азески.
Нагласи дека е неопходно да се проверат сите механизми и сите институции како конкретно гледаат на работите кои ни се случуваат.