Белоруското Министерство за одбрана денеска соопшти дека белоруската армија продолжува со заедничките вежби со борците на руската платеничка група „Вагнер“ на воен полигон во близина на градот Брест, на границата со Полска, пренесуваат британските медиуми.
Платениците од руската приватна воена компанија „Вагнер“ ќе помагаат во обуката на специјалните сили на белоруската армија за време на вежбите на воениот полигон во близина на границата со Полска, се наведува во соопштението на Министерството.
Сопственикот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин вчера преку видео порака ги поздрави своите борци на белоруско тло и им порачува дека веќе нема да се борат во Украина. Тој им нареди да ја обучат белоруската војска и да соберат сили за уште едно „патување во Африка“.
„Во текот на неделата, единиците на силите за специјални операции, заедно со претставниците на ПВК, ќе извршуваат задачи за воена обука на воениот полигон во Брест“, додаваат од Министерството.
Полска на почетокот на овој месец соопшти дека ќе испрати 500 полицајци за да ја засили безбедноста на нејзината граница со Белорусија и да се справи со зголемениот број мигранти кои ја минуваат границата, како и со потенцијалните закани, откако платениците од „Вагнер“ беа преместени во Белорусија, наведуваат британските медиуми.