– Министерството за одбрана на Русија соопшти дека нападите во текот на ноќта врз два украински пристанишни града, Одеса и Миколаев, биле „чин на одмазда“ и додаде дека ги „погодиле сите цели“ во Одеса и Миколаев.
Руските воздушни напади следеа еден ден по нападот на мостот кон Крим што ја поврзува Русија со Крим, за кој Москва ја обвини Украина. Иако Русија тврди дека ги погодила сите цели, Украина од друга страна соопшти дека ги соборила сите шест крстосувачки ракети Калибр и 31 од 36 дронови.
Киев соопшти дека паѓањето на остатоци од дронови и проектили и ударните бранови оштетиле неколку куќи и дел од пристанишната инфраструктура во Одеса, но не даде дополнителни детали. Нема загинати, но еден постар маж е повреден во неговиот дом.
Руските медиуми го цитираат Министерството во Москва кое тврди дека се погодени „објектите каде што се подготвувале терористички напади против Руската Федерација со поморски дронови, како и фабрика за нивно производство во бродоградилиште во близина на градот Одеса“.