Мистериозен споменик од Свети Наум го привлече вниманието на меѓународната научна јавност

Spomenik od Sveti Naum_18.07.2023_photo 1
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во дворот на манастирот „Свети Наум“ кај Охрид веќе неколку години се наоѓа еден необичен каменен споменик кој ги збунува посетителите. Истиот изгледа многу рустично, но и таинствено привлечен во околниот манастирски амбиент.

Токму овој споменик се најде на насловната страница на новиот број од меѓународното научно списание Studia Mythologica Slavica, во издание на Научно-истражувачкиот центар на Словенечката академија на науките и уметностите. Списанието третира теми од религиското наследство на словенските и останатите европски народи, а на камениот споменик од Свети Наум е посветен првиот труд од новиот број – на дури 79 страници!


Трудот е напишан од страна на Никос Чаусидис и Игор Ефтимовски, едниот професор по археологија на Филозофскиот факултет во Скопје, а другиот негов докторанд. Во текот на рецензентскиот процес, уредничкиот одбор на списанието, составен од еминенти светски научници од соодветната област, одлучил дека споменикот е доволно важен, а трудот стручно напишан, што треба да се најде на насловната страница на новиот број.

Според содржината на објавениот труд, споменикот бил откриен случајно при реконструктивни градежни зафати на манастирските конаци, секундардно вграден во некој од нив. Оттогаш, тој се наоѓа во дворот на манасторот, привлекувајќи ги посетителите, како и авторите на трудот, со својот уникатен изглед.

Научниот труд го претставува и анализира овој споменик од различни перспективи, вклучувајќи ја неговата иконографија, функција и значење. Според неговите стилски особености, разгледани се повеќе можности за негова датација од предисторискиот, античкиот, раносредновековниот или нововековниот период – дилема што го наметнува неговото вонконтекстуално откритие. Меѓутоа, се чини дека неговата оригинална функција била поизвесна: како религиски идол посветен на некое паганско божество, но евентуално инкорпориран и реинтерпретиран во христијанскиот контекст на манастирот.

Целосниот труд за споменикот од Свети Наум, со неговата детална анализа и аргументација на изнесените заклучоци, е достапен за бесплатно читање и симнување од официјалниот веб-сајт на списанието Studia Mythologica Slavica, на следниот линк.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK