– Националниот парк Шар Планина соопшти дека нема воведено забрана за движење во шума на територија на нивното заштитено подрачје, но се бара задолжително пријавување при движењето низ паркот.
-По однос на препораката на Владата за забрана за движење во шума, ја известуваме јавноста дека ЈУНП Шар Планина нема воведено забрана за движење во шума на територија на Националниот парк. Поради зголемена опасност од настанување на шумски пожари и земајќи ги предвид препораките на Владата, при посета на Националниот парк задолжително е пријавување на следниот линк https://www.sarmountain.org.mk/evidenten-list-posetiteli или во Дирекцијата на Националниот парк од 09:00 до 15:00 часот, информираат од НП Шар Планина.
Оттаму напоменуваат дека посетителите имаат обврска да ја напуштат зоната на строга заштита до 17:00 часот.
-Со цел да се спречат несакани последици, потсетуваме дека на територија на Национален парк Шар Планина е строго забрането да се пали оган на отворен простор, да не се фрлаат пластични и стаклени шишиња, да не се врши палење отпад и друг горлив материјал и да не се фрлаат догорчиња од цигари. Истовремено, доколку забележите пожар, може да пријавите на тел. 112 во Центарот за управување со кризи, се вели во информацијата на НП Шар Планина
При пријавување, покрај име и презиме, потребно е да се наведе матичен број, регистарска табличка од возилото, ден на посета и времетраење на престојот и место на движење.