Преосветен манастирскиот храм „Пресвета Богородица“ и новоизградените конаци во Заум на источниот брег на Охридското Езеро

osvetuvanje_zaum_3424233
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 Манастирскиот храм „Пресвета Богородица“ во месноста Заум на брегот на Охридското Езеро повторно беше преосветен, на празникот Ризата на Пресвета Богородица во Влахерна.

– Откако пред неколку години беше возобновен манастирскиот конак во Заумскиот манастир, по молитвите на Мајката Божја, а со Божјиот благослов и благодат, оваа година засветли во сиот свој сјај и центарот на манастирот – Богородичниот преукрасен храм, кој после долги години осквернавеност и запуштеност, беше облечен во ново достојно руво“, се посочува во соопштението од Дебарско-кичевската епархија.



Откако беа завршени конзерваторските и архитектонските работи од страна на надлежните институции, со благослов на митрополитот Тимотеј храмот беше и целосно внатрешно обновен, поточно беше поставен нов мермерен под, нов мермерен иконостас со нови икони, а беше поставен и нов престол. По тој повод изминатите неколку дена беше преосветен тој духовен и културен објект.

Свеченостите по повод преосветувањето почнаа на 14 јули со вечерна богослужба на која во молитвено присуство на неговото високопреосвештенство митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, началствуваше неговото високопреосвештенство митрополитот Европски г. Пимен  во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Горан Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.

Утредента беше извршено преосветување на манастирскиот храм, а потоа, според обичајот, беше отслужена и света архиерејска литургија, на којашто чиноначалствуваше митрополитот Тимотеј, во сослужение на митрополитот Пимен, архимандритот Нектариј и други свештеници.

По завршувањето на литургијата, митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, додаваат во соопштението од Дебарско-кичевската епархија, кој во молитвата се заблагодари на Националната истанова „Завод и Музеј Охрид“ чии експерти се погрижија да го уредат храмот преку поправката на покривната конструкција, како и да направат некои архитектонски зацврстувања, неопходни заради повеќегодишната негрижа, која што доведе до статичка попустливост на објектот. Благодарност беше искажана и до изведувачот на градежните зафати како и надзорниот орган во изведувањето.

На свеченостите присуствуваше и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, претставници на локалната власт, на НУ „Завод и Музеј“, како и многубројни верници.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK