Водата во Дебарско Езеро исправна за рекреација, освен кај Мелнички Мост

debarsko_ezero_23423432
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Водата во Дебарско Езеро целосно ги исполнува условите за рекреација, освен делот од езерото кај Мелнички Мост, потврди за МИА, епидемиолот Ментор Меља, од Работната единица на Заводот за јавно здравје.

-Редовно земаме мостри на вода од неколку места долж езерото. Последните анализи потврдуваат дека водата кај градската плажа, каде концентрацијата на капачи е најголема, како и кај месноста „Три чешми“ е исправна за рекреација, освен на просторот кај Мелнички Мост, поради што има и забрана, рече Меља.


Според него, деновиве ќе се направат дополнителни анализи, по што ќе има официјални податоци за квалитетот на водата и во овој дел од езерото.

Деновиве брегот на Дебарското Езеро е преполно со млади луѓе кои ја започнаа летната сезона и се разладуваат во езерските води. Нивниот број секојдневно се зголемува имајќи во предвид дека во родниот крај пристигнуваат иселениците и нивните семејства.

За безбедноста на капачите се грижат двајца спасувачи на вода, кои преку Црвен крст Дебар, на доброволна основа го прават тоа, откако не беа обезбедени средства за таа цел.

Долж брегот на езерото покрај капачите бројни се и рекреативните риболовци, кои ги има и од Тетово, Скопје и од Косово, дел од нив имаат и свои викендички.

Меља исто така информираше дека исправна за пиење е водата од водоводот Росоки-Дебар, од кој се снабдува градот Дебар, селата Косоврасти и Рајчица и дел од општина Центар Жупа. Додаде дека за анализа мостри се земаат на секои две седмици. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK