Самит ЕУ – Заедница на државите од Латинска Америка и Карибите во Брисел

eu samit
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Брисел денеска и утре се одржува Третиот самит на лидерите на ЕУ и на Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите (ЦЕЛАЦ), кој се очекува да придонесе за натамошно зајакнување на партнерството меѓу Унијата и земјите од латиноамериканскиот и карипскиот регион.

Предвидено е на Самитот да се разговара за заедничките напори за постигнување фер зелена и дигитална транзиција, како и да се манифестира „посветеност за одржување на меѓународниот поредок заснован на правила“.


Со Самитот ќе претседаваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и премиерот на Сент Винсент и Гренадини, Ралф Гонсалвес, во својство на претседавач на ЦЕЛАЦ, а меѓу останатите на него ќе учествуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, членови на Европската комисија, како и претседатели и премиери на земјите од ЕУ и државите од Латинска Америка и регионот на Карибите.

Во рамки на Самитот ќе се одржи и Бизнис форум, на чие отворање ќе се обратат Фон дер Лајен, бразислкиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, шпанскиот премиер Педро Санчез и првите луѓе на Интерамериканската развоја банка и на Развојната банка на Латинска Америка, Илан Голдфајн и Серхио Дијаз-Гранадос. На форумот се предвидени неколку тркалезни маси посветени на енергетската транзиција, одржливата и инклузивна економска интеграција, инвестицискиот потенцијал на карипските земји, Е-мобилноста, дигиталната трансформација, одржливоста на финасискиот сектор и подобрување на отпорноста на здравствените системи, на кои ќе говорат претставници на Еврокомисијата и на институции, организации и компании од Европа, Латинска Америка и Карибите.

На маргините на Самитот предвидени се и билатерални средби на лидерите на ЕУ и земјите членки со претставници на државите од ЦЕЛАЦ, како и потпишување на Меморандуми за разбирање меѓу Унијата и Аргентина.

Во пресрет на Самитот, Европската унија ја најави програмата наречена „Инклузивни општества“, вредна 60 милиони евра, наменета за намалување на нееднаквоста и за промоција на инклузивни и рамноправни општества во латиноамериканските и карипските земји, како 43 милиони евра помош за 2023 година за справување со последиците од елементарни непогоди во регион на Латинска Америка и Карибите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK