Осмата по ред велосипедска меморијална тура „Коце Ѓорѓиев“ ќе се реализира во недела од Демир Капија до локалитет „Бел рај“, информираа попладнево од Спортски клуб „Клисура“.
– Стартот е во девет часот од плоштадот Демир Капија. Се вози преку клисурата, асфалт 10 километри плус 16 километри земјен пат, вкупно 26 километри во еден правец. Турата се вбројува во полесни тури и нема значителна висинска разлика, соопшти организаторот.
Ќе има неколку попатни паузи за вода и ужина во клисурата и во Миравци.
– Пристигнување во локалитетот „Бел рај“ е помеѓу 11 и 11.30 часот, каде што ќе има поголема пауза и одмор, а враќањето назад кон Демир Капија е во попладневните часови после 16 часот.

Задолжителни се технички исправен велосипед, кацига, резервна гума, вода, заштита од сонце, опрема за капење и позитивно расположение. Потребно е одобрение или дозвола од родител за учество на малолетни лица, додаде организаторот.
Клубот има обезбедено едно возило за логистичка поддршка.