Петровска: Уставните измени се прашање на државничка одлука која треба да се донесе со широк консензус

petrovska
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Уставните измени се прашање на државничка одлука која треба да се донесе со широк консензус од сите политички чинители, смета министерката за одбрана Славјанка Петровска.

-Кога сме на политички позиции, политичките кариери се помалку битни, битна е иднината на нашата држава. Ако велиме дека сме засегнати и сме загрижени и за одливот на младите и за економската состојба во државата, ја дискутираме борбата против корупцијата, нема ништо подобро од тоа да ги насочиме сите ресурси кон овие реални проблеми со кои се соочуваме. Нашето пристапување кон Европската Унија е всушност токму тоа – решавање на сите проблеми кои се појавуваат во сите држави и Република Северна Македонија не е исклучок од тоа рече Петровка, денеска во гостувањето во дневникот на Македонската телевизија и додаде дека на уставните измени треба да им пристапиме сериозно, треба да им пристапиме со државнички пристап и таква одлука да донесеме.


Во контекст на НАТО и инвестициите во одбраната на ниво од 2 отсто од бруто-домашниот производ, Петровска порача дека Северна Македонија е кредибилен сојузник, тоа е јасна порака од НАТО, и дека државата прави издржани планови за инвестиции кои целосно се реализираат.

-Во НАТО како колективен систем на безбедност имаме задача и обврска да ги развиваме и нашите системи, а тоа побарува дополнителни вложувања во одбраната. За оваа година издвоивме 1,85 отсто од нашиот БДП и е извесно дека согласно среднорочните буџетски планирања следната година ќе го достигнеме тој процент. Но она што е навистина многу значајно е како ние ги трошиме тие пари. Во случајот со одбраната нашиот буџет има навистина добра распределба на буџетските средства. Веќе за оваа година 33 проценти од вкупниот буџет се определени за процесите на модернизација и опремување на македонската армија, на опремување на лесната пешадиска баталјонска група и зајакнување на капацитетите на единиците, истакна министерката.

Петровска додаде дека планирањето во одбраната е долгорочно планирање и затоа прво се изработуваат стратешките документи, како Долгорочниот план за развој на одбранбените способности на македонската армија кој неодамна беше одобрен и во Владата и во Собранието. Набавките на софистицирана опрема, нагласи Петровска се повеќегодишни и ние мораме да планираме за да ги реализираме до крај.

Во контекст на транспарентноста, имајќи предвид дека Министерството за одбрана со 100 отсто исполнување на критериумите е веќе трета година на првото место согласно мерењата на активната транспарентност, министерката порача дека поставени се високи стандарди во овој домен и дека тоа е еден начин и на борба со дезинформациите кои се дел од хибридните закани.

-Постигнавме високи стандарди во поглед на транспарентното работење во Министерството. Кога водите ресор како што е Министерството за одбрана многу е лесно да дадете одговор дека работите се класифицирани, но навистина се трудиме и јас како министерка, и вработените особено делот од односи со јавност да бидеме максимално транспарентни и да ги одговориме сите прашања кои ни се поставени, затоа што во време кога се соочуваме со различни видови хибридни дејствувања или ширење на дезинформации најдобар механизам, најдобар лек за одбрана од сите нив е транспарентност и отчетност, заклучи Петровска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK