Јавното комунално претпријатие „Пиша“ од општина Липково апелираше до граѓаните да внимаваат каков отпад одлагаат на депонијата во близина на село Никуштак.
– Како јавно комунално претпријатие ја користиме депонијата која не е стандардна и според укажувањата на Министерството за животна средина и просторно планирање треба делумно да се затвори, бидејќи очекуваме изградба на регионална депонија. Интервениравме за гасење на пожарот, но поради високите температури, повремено депонијата чадеше, изјави директорката на комуналното претпријатие, Валдете Рамадани.
Таа апелираше до жителите на Липково да не фрлаат самозапаливи материи.
Претходно по пријави од граѓани Државниот инспекторат за животна средина информираше дека извршиле вонреден инспекциски надзор на депонијата. Надлежните од комуналното претпријатие ја израмниле депонијата со механизација и ја покриле со земја, по што престанала да чади. На 6 јули, годинава депонијата се самозапалила повторно и имало чад. Надлежните од „Пиша“ презеле мерки и ја изгасиле нестандардната депонија лоцирана на т.н, стар пат Куманово-Скопје.