Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Стопанската комора на Северна Македонија, предводена од претседателот на комората Бранко Азески и претставници од Асоцијацијата во Стопанската комора на Северна Македонија ТИМ-40.
Како што соопшти кабинетот на Пендаровски, на средбата се разговараше за актуелните општествено – политички случувања во земјава и нивните влијанија врз економскиот амбиент, како и за заштита на интересите на бизнис заедницата.
Претседателот Пендаровски беше информиран за иницијативата за потпишување на Декларација за економски реформи, политики и мерки, којашто е поттикната од бавниот реален раст на македонската економија, кој од периодот од 1993 – та до 2021 – та година просечно годишно изнесува само 1,7отсто.
– Според претставниците на Комората постојат пет приоритетни области во нашата држава, потенцирајќи дека за создавање на стабилен и предвидлив економски амбиент неопходно е решавање на сивата економија, корупцијата, гасификацијата, решавањето на проблемите со извозните компании, издавањето на дозволите за градба и регулирање на статусот на интернет порталите, информира Кабинетот на претседателот.
Пендаровски ја поддржа иницијативата и ги поздрави напорите на бизнис заедницата со цел поттикнување на нови инвестиции, нови работни места и долгорочен одржлив економски раст и развој на земјата. Во разговорите беше констатирано дека за унапредување на севкупните економски односи на државата потребно е решавање на сите отворени прашања преку дијалог и меѓусебна соработка, се наведува во соопштението.