Во новата академска година, Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола во своите 11 универзитетски единици, во прва година ќе може да запише 2565 студенти.
Според објавениот конкурс, УКЛО создаде услови за упис на 1351 студент за студирање во државната квота, 773 места се наменети за студии со кофинансирање и 441 за вонредно студирање.
-Првиот уписен рок ќе се реализира на 21, 22 и 23 август, а најмногу слободни места, вкупно 380, се понудени на Технички факултет-Битола. На Факултетот за информатички и комуникациски технологии ќе може да се запишат 275 бруцоши, а на Педагошкиот факултет има место за 230 студенти, информираа од УКЛО-Битола.
Универзитетските единици на УКЛО во Скопје, Велес, Прилеп, Кичево и во Охрид годинава ќе запишуваат студенти со идентична понуда како и минатата година. На Факултет за безбедност во Скопје може да се запишат 310 студенти, на Технолошко-технички факултет во Велес – 75, на Економски факултет во Прилеп – 248, на Правен факултет во Кичево – 365 и на Факултет за туризам и угостителство во Охрид – 302 студенти.
Во прва година на Факултетот за биотехнички науки може да се запишат 120, на Ветеринарен факултет – 45, додека на Високата медицинска школа обезбедени се 215 слободни места за студирање во прва година.