Заменик претседателот на Владата Фатмир Битиќи денеска во општинскиот центар Желино заедно со генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт и градоначалникот на општината Блерим Сејдиу извршија увид во изградбата на објект наменет за Младински културен центар. Изградбата на овој објект е со средствата од ТАВ програмата за инфраструктурни објекти низ државата.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека според проектот и обврската на Владата градежните работи се завршени според предвидениот буџет вреден околу 300 илјади евра, се до надворешно фасадирање.
– Сите млади во сите општини заслужуваат свое катче, затоа сум задоволен што и младите во општина Желино добиваат младински културен центар. Важно е дека ова се проекти за кои аплицираа самите општини што значи дека ова се нивни барања и приоритети кои тие ги воочиле за своите граѓани. Оваа зграда ќе биде нивен нов дом од кој очекуваме да произлезат идеи за напредок на младите генерации, изјави Битиќи.
Она што и преостанува на општината како обврска е поставување на внатрешниот ентериер.
– Како градоначалник мора да изразам благодарност. Ова е прв младински центар во нашата општина. Младите ќе имаат друг дом каде ќе ги изразат нивните идеи. Аплициравме во 2021 и лани во 2022 завршивме. Очекуваме соработка за да продолжиме и во втората фаза, изјави Блерим Сејдиу.
Директорот на ТАВ Македонија Неџат Курт посочи дека имаат одлична соработка со Владата и локалните власти која продолжува, додека придобивките за локалните заедници и општата инфраструктура во земјата ќе траат.
– Денеска сме тука во општина Желино да го посетиме објектот на Младинскиот центар, што е еден од специјалните проекти финансирани од ТАВ Македонија. Работите во рамките на овој проект за изградба на Младинскиот центар опфаќаат од бетонски и армирачки работи до водоводни, електрични и фасадни работи, а вредноста на овој проект е речиси 300.000 евра. Сметаме дека овој Младински центар во иднина ќе обезбеди и овозможи на младата популација во Желино поддршка за нивниот личен развој и нивно активно учество во заедницата, рече Курт.
Заменик претседателот на Владата Битиќи воедно информираше дека има 76 отсто реализација на проектите започнати со ТАВ програмата. Од вкупно 82 започнати проекти со вкупна вредност од 49,7 милиони евра, 60 инфраструктурни проекти се завршени, а во моментов се работи во 22 други.