Украинските сили напредувале за повеќе од еден километар во близина на источниот град Бахмут, јави денеска Серхеј Черевати, портпаролот на украинската армија.
Ова е последна во низата изјави на Киев дека јунската контраофанзива веќе почна постепено да дава резултати. Овие извештаи се во целосна спротивност со рускиот поглед на развојот на ситуацијата околу Бахмут.
-Одбранбените сили ја задржаа иницијативата, вршат притисок врз непријателот, вршат напади и напредуваат по северното и јужното крило, изјави Черевати, додавајќи дека еден ден претходно украинските сили напреднале повеќе од еден километар.
Во близина на селото Клишчиивка, југозападно од Бахмут, украинските сили забележаа „делумен успех“.
Заземањето на селото ќе им помогне на украинските сили да ја вратат контролата врз Бахмут, град кој руските сили го зазедоа во мај по 10 месеци борби.
Руските медиуми, повикувајќи се на воени извори, јавија дека руските сили го одбиле нападот на Клишчиивка и ја чешлаат областа од преостанатите украински војници.
Руските сили го држат Бахмут, а двете страни известуваат за тешки борби во областа. Украинските сили се обидуваат да го опколат градот и досега зазедоа голем број села на југот. Силниот отпор и минските полиња го забавуваат нивниот напредок.
Русија сè уште држи под своја контрола големи области на источна и југоисточна Украина.