Непознато лице изутринава пукало во 57-годишниот Љ.К. пред неговиот дом на подрачјето на Аеродром, кој потоа е пренесен во болница за укажување на лекарска помош. Како што објавија медиумите, станува збор за таткото на исчезнатиот Самоил Костадиновски, 26-годишниот внук на политичарот и лидер на Обединети за Македонија Љубе Бошковски.
Случајот го потврдуваат и од МВР, кои информираат дека полициски службеници излегле на местото и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
– Денеска во 08:30 во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Аеродром едно лице пукало и го повредило Љ.К. (57) пред неговиот дом. Повредениот бил пренесен во комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош, информираат од МВР.
Самоил Костадиновски е пријавен за исчезнат од 3 март годинава, откако бил киднапиран во скопската општина Кисела Вода. Неговото семејство упати повеќе повици на социјалните медиуми, а неговиот татко нудеше и парична награда за негово пронаоѓање.