Како Градоначалник на Општина Центар, можам да ви ветам дека ќе продолжам да се залагам за унапредување на човечките права на сите категории граѓани и во мојата агенда секогаш ќе има место за проекти што ќе ја зацврстат улогата на жената и ќе ја подигнат свеста за родовата еднаквост“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски на настанот „Остави трага“, посветен на младите, со цел да ги поттикнат на зголемено општествено учество и да ја подигнат свеста за еднаквоста во општеството.
Како што информираат денеска од Општина Центар, Герасимовски, на настанот што се одржа вчера, потенцирал дека како земја потписник на Истанбулската конвенција државата мора да се стреми кон општество ослободено од стегите на родовата нееднаквост, општество отворено за нови предизвици, демократско општество каде што се почитуваат вредноста и достоинството на сите граѓани.
На територијата на Општина Центар активно дејствуваат неколку женски здруженија, сите програми за работа на службите се родово балансирани, а во самата Општина функционира интерсекторска група составена од претставници од сите сектори што работат на областа за родовата еднаквост и родовиот паритет под водство на ментор доделен од UN Women.
Со оваа организација Општина Центар склучи Меморандум за соработка во чии рамки беа посетувани обуки од областа на развој на бизнис-идеја и бизнис-план, претприемаштво и менаџерски вештини, дигитален маркетинг, онлајн продажба и употреба на дигитални технологии за што беа доделени сертификати во зависност од посетената обука.
Настанот кој беше посветен на младите и подигањето на свеста за еднаквата застапеност во општеството е почеток на кампањата „Остави трага“ која ја спроведува Министерството со поддршката на Совет на Европа и Институтот за добро владеење и Евро-Атлантска перспектива.