Зајакнувањето на капацитетите за водење финансиски истраги е од исклучителна важност за натамошен напредок во постигнување европски стандарди и критериуми во рамки на Поглавје 24 кои се однесуваат на финансиски истраги и постапки за одземање имотна корист стекната со криминал и имот од незаконско потекло. Ова беше една од темите на денешната средба на директорот на Царинската управа, Стефан Богоев со програмската директорка на Центарот за европски перспективи Андреја Долничар Јерај, која раководи со Програмата за развојна соработка на Република Словенија со Република Македонија.
Како што информираат од Царинската управа, во следниот период од две години планирани се посети од експерти од Словенија за споделување на искуства и знаења во областа на финансиските истраги, што се очекува да резултира со понатамошно унапредување на експертизата на царинските службеници во овој дел. Во рамки на планираните активности неделава се одржуваат обуки за практична примена на процедурите за водење финансиски истраги за царинските службеници и службениците од останатите институции вклучени во процесот.
-Постојаното унапредување на експертизата за водење финансиски истраги и зајакнувањето на капацитетите со кои се обезбедуваат докази за кривично гонење на посериозни криминални активности е од големо значење и е една од активностите високо на агендата на Царинската управа, истакна Богоев.
Раководителката на Програмата за развојна соработка Јерај, изрази честитки за напредокот остварен од истражните и органите за водење криминал на патот кон постигнување европски стандарди и критериуми во рамки на Поглавјето 24, но и за постигнато високо ниво на усогласеност во Поглавје 29 со кое раководи Царинската управа во евроинтегративниот процес.
-Сакам да изразам задоволство што истражните органи покажаа доверба и подготвеност за примена на искуствата и знаењата на колегите од Република Словенија. Во изминатите години во рамки на Програмата за развојна соработка на Република Словенија успешно се реализираа два проекти во рамки на кои не само што се зголемија знаењата во делот на финансиски истраги, туку и се утврдија заеднички насоки за финансиските истраги, како и стандардизирани оперативни процедури, истакна Јерај.
Во рамки на Програмата која се реализира во форма на билатерална соработка, од македонската страна учествуваат Царинската управа, Јавното обвинителство, Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи, додека од словенската страна учествуваат Државното обвинителство, Финансиската управа и Министерството за внатрешни работи.