Во Општина Кавадарци денеска од страна на австриска компанија беше презентирана нова еколошка мултифункционална модуларна ветерна турбина за производство на електрична енергија, која може да се интегрира во постоечките системи, информираа попладнево од кабинетот на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
– Презентацијата беше од отворен карактер за сите заинтересирани и на неа се разви дискусија за можностите кои ги нуди турбината како потенцијален производ за производство на енергија. По презентацијата, со вработени од секторот за улично осветлување претставниците на фирмата посетија повеќе локации во градот, потенцијални места каде што би можело да се инсталираат ветерните турбини и се направи договор да се извршат дополнителни мерења на неопходните параметри на тие места, со апаратура од самата фирма, стои во соопштението.
Со ова се отвора можноста, се додава во соопштението, Општина Кавадарци да биде меѓу првите во државава што ќе започне производство на електрична енергија од ветер за сопствени потреби.