Се анализираат коментарите, критиките и сугестии по втората фаза од Законот за медиуми (Закон за аудио и аудио визуелни медиумски услуги) кои стигнале во голем број до Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).
-Се надевам дека за две недели ќе имаме драфт. Во прашање ни се национални телевизии, локални, оператори… Нема сите да бидат задоволни колку што сакаат, но битно е сите да бидат задоволни и да не се чувствуваат надвор од тој закон. Мислам дека сме на добар пат, го отворивме процесот и првпат беа сите консултирани и можеа да праќаат писмено до МИОА, рече министерот Азир Алиу на средба со новинарите.
Дали во законот ќе остане членот 102, со кој беше забрането со државни пари да се плаќаат кампањи во приватни медиуми или, како што предложија неколку пратеници, тој ќе биде избришан со што би се овозможило повторно државни реклами на приватните радија и телевизии, Алиу одговори дека ќе биде усогласен со законодавството на ЕУ.
-Нема да биде 102 како што беше туку во согласност со акито на ЕУ. Тука имаме разни размислувања – газдите на медиумите сакаат пари, новинарите сакаат правила и да не бидат ограничени и тоа мора да го има зашто акито вели – новинарот мора да биде новинар и да не биде ограничен што пишува. Законот ќе го направиме врз основа на забелешките и на она што го велат експертите. И тоа не се однесува само на 102, тоа е најмал реален проблем, додаде Алиу.
Поголем проблем е, рече, злоупотреба на порнографски содржини на интернет за што мора да има контрола.
Исто така, со законот ќе бидат опфатени и порталите затоа што, рече министерот, „во тој дел е хаос“.
-Тоа ќе биде нов закон како чадор на сите и буквално ќе биде чепната секоја електронска комуникација. Тука се и новинарите кај кои етиката е на ниско ниво. Никој не прави проверка на ништо, ќе добие информација и ја пушта, додаде Алиу.