Фудбалските ветерани од Кочани, Штип, Виница и други градови од државата, поранешни фудбалери на „Осогово“, „Брегалница“, „Слога“ и други екипи попладнево организираа меморијален натпревар и спортско дружење во спомен на 50-годишнината од трагичната смрт на нивниот другар и соиграч Никола Мантов.
На стадионот во Кочани, што денес го носи името на Мантов, се собраа поголем број некогашни спортисти и спортски работници, кои му оддадоа достојна почит на младиот фудбалер чиј живот згасна на теренот на 1 јули 1973 година, за време на натпреварот меѓу тогашните македонски прволигаши „Осогово“ и „ФАС 11 Октомври“.
-На денешната средба дојдоа поголем дел од играчите кои настапуваа заедно со Мантов. Тоа се луѓе од генерацииите кои се на возраст од 70 и повеќе години, а тогаш беа млади, талентирани и перспективни фудбалери. Таков беше и Никола Мантов, но за жал судбината беше таква што прерано заврши неговата кариера. Сепак, ние го чуваме споменот за него, како добар фудбалер, одличен соиграч, но уште подобар другар и човек. Нека му е вечна слава, истакна Аелксандар Стојанов, поранешен фудбалер на „Осогово“ и член на иницијативниот одбор за одбележување на годишнината.
На симболичниот натпревар меѓу „Осогово“ и „Брегалница“ настапи и Димитар Андонов, капитен на кочанскиот прволигаш на натпреварот на кој почина Никола Мантов.
-Мантов беше покрај аут линијата, а топката беше сосема на друга страна. Одеднаш тој падна на тревата, натпреварот прекина, притрчавме да му помогнеме, но веќе беше доцна. Дојде и итна медицинска помош, го однесе во болницата – и толку. Добар фудбалер беше, играше и халф, и во напад, потоа му дадоа дрес со број 7 и со тоа заврши. Пред него стоеше цела кариера, но замина млад, истакна Андонов.
И ветераните на штипска „Брегалница“ искажаа пофални зборови за Мантов.
-Благодариме на фудбалско Кочани што се сети на нас и нѐ повика на овој јубилеј, иако по трагичен повод, но сепак на заедничко пријателско дружење. Другарството со Мантов го носиме во сеќавањата повеќе од 50 години. Поводот е тажен, но морам да кажам дека тој почина и замина од овој свет само поради тоа што премногу сакаше да игра фудбал, истакна Борис Цеков, поранешен фудбалер и спортски работник од Штип.
Во знак на сеќавање на Мантов, компанијата „Тинг Инокс“ од Кочани подари метална табла со натпис за стадионот „Никола Мантов“, а на поголем број поранешни фудбалери, од генерацијата на починатиот првотимец на „Осогово“ и од помладите генерации им беа доделни благодарници и награди.
По иницијатива на ветераните на „Осогово“’ во подготовка е и книга посветена на Никола Мантов, чие излегување во јавноста се очекува наскоро.