Шмит ги поништи одлуките на Народното собрание на РС и воведе нови измени во Кривичниот законик на БиХ

shmit
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Високиот претставник во БиХ Кристијан Шмит, денеска соопшти дека донел одлука за поништување на Законот за неприменување на одлуките на Уставниот суд на БиХ на територијата на РС, како и одлуката на Парламентот да не ги објавува неговите одлуки.

-Одлучив да го изменам Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, така што дејствијата што го нарушуваат уставниот поредок на земјата ќе се третираат како кривично дело, а тоа ќе му даде основа на Обвинителството на Босна и Херцеговина да ги гони овие злосторства, изјави Шмит пред зградата на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) во Сараево.


Претходно беше соопштено дека ОХР подготвува измени на Кривичниот законик на БиХ во делот кој се однесува на делата „напад врз уставниот поредок“ (член 156), „загрозување на територијалниот интегритет“ (член 157) и „поткопување на воената и одбранбената моќ“ (член 161).

-Оние кои се обидуваат да го загрозат уставниот поредок мора да бидат кривично гонети. Повторувам: сите опции се на маса. Имам спектар на можни дејствија врз основа на „Бонските овластувања“ што можам да ги искористам и ги повикувам политичарите да се вразумат, предупреди Шмит.

Тој наведе дека со последните одлуки на Народното собрание на РС „извршен е напад врз уставниот поредок на Босна и Херцеговина, а со тоа и на Дејтонскиот мировен договор“.

Тој ги повика меѓународните партнери да ги координираат санкциите против оние кои не го почитуваат Дејтонскиот договор.

Шмит изјави дека неговите одлуки ќе стапат на сила веднаш.

САД ја поздравија одлуката на Шмит за укинување на законите за неприменување на одлуките на Уставниот суд на БиХ на територијата на РС, за необјавување на неговите одлуките во тој ентитет на БиХ, како и наметнувањето на измени во Кривичниот законик на земјата, со кои нападот на уставно-правниот поредок се смета за кривично дело.

-САД силно ја поздравуваат употребата на „Бонските овластувања“ од страна на високиот претставник, за одбрана на Дејтонскиот мировен договор и заштита на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој е чувар на владеењето на правото, напиша Амбасадата на САД во земјата во објава на Твитер.

Од Амбасадата посочија дека одлуките на Народното собрание на РС се „неуставни и намерни напади врз Дејтонскиот мировен договор, уставниот поредок на БиХ и самата држава“.

Претседателот на РС и претставниците на владејачката коалиција од РС претходно денеска изјавија дека нема да ги почитуваат одлуките на Шмит, бидејќи тој за нив не е легално избран висок претставник, бидејќи неговото именување не е потврдено во Советот за безбедност на ОН.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK