Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска го посети новиот парк во Драчево, лоциран на местото каде беа отстранети времени објекти. На површина од околу 700 квадратни метри реконструирано е детското катче, поставени се нови реквизити и изграден терен за мал фудбал и за кошарка. Во непосредна близина изграден е и нов паркинг за околу 30 возила, информираат од Општина Кисела Вода.
– Продолжуваме со реализација на крупни проекти за кои сме имале повеќе барања од нашите жители. Денес го ставаме во функција возобновениот парк кој е опремен со многу нови содржини и подготвен да биде место каде граѓаните од повеќе генерации ќе го поминуваат своето слободно време. На 700 квадратни метри нуди простор за одмор и дружба, а спортските терени верувам дека ќе бидат доста привлечни за помладите. Секако, просторот го дополнивме со многу зеленило, а излеговме во пресрет и на барањето за дополнителни паркинг места, градејќи паркинг за 30 возила, изјави Ѓорѓиевски.
Општината Кисела Вода истакнува дека својот 68 роденден го затвора со над 50 000 квадратни метри зелена површина.
– Вчера беше почната изградбата на мини рекреативен центар во Усје, а неодамна нова парковска површина добија и жителите на село Драчево, преку изградбата на спортско-рекреативниот комплекс „Теодор Стојановски-Тоше“ кој некогаш се викаше „Оксиген“, информираат од општината.