Во Пехчево и следната учебна година ќе продолжи да функционира дисперзираната паралелка во склоп на Општинското Средно училиште „Ацо Русковски“ – Берово. Одлуката доаѓа по претходните консултации со учениците и родителите на деветоодделенци од Пехчево, на кои им беше дадена можност да изберат дали Средното образование ќе го продолжат во Берово или во Пехчево.
– ОСУ „Ацо Русковски“ Берово, ги известува учениците, родителите и сите заинтересирани граѓани од општина Пехчево, дека во учебната 2023/2024 година според Конкурсот од МОН за упис на ученици во прва година се одобрени 3 гимназиски и 3 стручни паралелки, од кои едната гимназиска паралелка е во Пехчево. Паралелките од втора, трета и четврта година продолжуваат со работа во училиштето во Пехчево, информираа од беровската гимназија.
Оттаму, додадоа дека гимназијата им излегла во пресрет и на оние ученици кои одбрале да учат во Берово.
– По завршувањето на уписниот рок со цел разјаснување на дилемата кај родителите и учениците, исто така известуваме дека паралелката во Пехчево ќе биде формирана, а за учениците кои избрале да учат во Берово, организацијата и трошоците за превоз се на одговорност на родителите, додадоа од ОСУ „Ацо Русковски“.
Претходно за идните гимназијалци од Пехчево беше организиран Отворен ден на кој деветоодделенците беа запознаени со можностите за продолжување на следното образование во беровската гимназија.