Општина Виница се вклучи во проектот за извршување општествено корисна работа, со кој се ангажирани пет невработени лица од евиденцијата на Агенцијата за вработување, кои до март идната година ќе обезбедуваат социјални услуги.
Во просториите на Општината се одржа средба со невработените на која беа потпишани договорите за ангажманот, при што беше нагласено дека проектот е резултат на соработката на Локалната самоуправа со УНДП и Министерството за труд и социјална политика. Партнери во неговата реализација се Агенцијата за вработување и Центарот за социјална работа.
Ангажманот на давателите на услуга им овозможува да се стекнат со работни вештини што би им помогнале полесно да се вработат, а ќе им пружаат нега на стари, болни и изнемоштени лица во нивните домови. Според договорот, ќе бидат ангажирани во рок од девет месеци, ќе работат по 20 часа неделно и ќе добиваат месечен надоместок со вклучен персонален данок и осигурување.
Во рамки на програмата опфатени се и обуки за невработените лица со кои тие ќе се стекнат со сертификати за дејноста што ќе ја извршуваат.
Додека трае проектот за општествено корисна работа, на ангажираните лица им продолжува статусот на невработени во Агенцијата за вработување, односно ќе немаат прекин во евиденцијата.