Градоначалникот Горан Герасимовски подели 150 пакети со прехранбени продукти и хигиенски производи, наменети за социјално загрозени лица и семејства од Општина Центар.
– Социјалните пакети кои се донација, благодарение на општествено одговорната компанија Кам Маркет со којашто општината има традиционална соработка, градоначалникот ги подели заедно со претставници од невладината организација „Банка за храна на Македонија“, информираат од општина Центар.
Герасимовски истакна дека хуманитарната иницијатива „Нула глад во Општина Центар“ продолжува да се реализира во континуитет, што е добредојдена за граѓаните во социјален ризик на сиромаштија.
– Верувам дека истата ќе придонесе кон подобрување на нивната сигурност и благосостојба со првична помош и поддршка за задоволување на основните животни потреби, порача Герасимовски.
Општина Центар апелира и до останатите компании да се приклучат со донации и да ја поддржат оваа хуманитарна иницијатива со цел да им се помогне на најранливата категорија наши сограѓани и секогаш ќе се залага за организирање разновидни хуманитарни акции за помош онаму каде е најпотребно.